Европскиот совет: Бугарија да ги регистрира здруженијата на македонското малцинство

 

Во денеска објавената Привремена резолуција ResDH (2020) 197 на Комитетот на министрите на Советот на Европа донесена вчера на 1383-тата средба на замениците на министрите, а која се однесува на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права особено пресудата „Обединетата македонска организација Илинден и другите групи против Бугарија, се повикуваат бугарските власти да овозможат секое ново барање за регистрација на „УМО Илинден“ или здруженија слични на „УМО Илинден“ да се разгледаат во целосна согласност со членот 11 од Конвенцијата, односно дозвола за нивна регистрација, јави дописникот на МИА.

Во однос на формата законските барања, Комитетот на министрите во кој се претставени владините претставници на 47-те земји членки на Советот на Европа, таа треба да се примени на пропорционален, предвидлив и конзистентен начин, со јасни упатства до апликантите каде што е потребно, како и во врска со проценката на законитоста на целите на здружението и средствата за нивно извршување.

Понатаму,  Бугарија е повикана да донесе законодавни или други соодветни мерки за да и гарантираат на агенцијата за регистрација поширока и поефикасна обврска да ги упатува здруженијата да ги коригираат досиејата за регистрација, секогаш кога тоа е објективно можно, со цел да се усогласи практиката на агенцијата за строго спроведување на формалните барања со ефективното остварување на правото на слобода на здружување.

Исто така, Советот на Европа ги повикува властите на Бугарија да пренесат порака и да продолжат со напорите за подигнување на јавната свест дека здруженијата што имаат за цел да го добијат „признавањето на македонското малцинство во Бугарија“ не смеат да бидат одбиени да се регистрираат врз основа на целите на здруженија и средства за нивно спроведување, што е во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во овие случаи и дека овие здруженија не треба да бидат предмет на постапка за распуштање од слични причини.

Комитетот на министрите ги повикува „властите на Бугарија  да ја финализираат својата работа за дополнување на упатствата за матичарите за да ги покријат прашањата што се дискутираат во оваа група случаи, како и да подготват упатства за здруженија наменети за корисниците и да се осигурат дека Агенцијата за регистрација сеопфатно ги идентификува недостатоците на досието за регистрација, како што налага националното законодавство, за да им овозможи на здруженијата брзо да достават досие за регистрација што ги исполнува сите законски услови“.

Комитетот на министрите одлучи да продолжи со разгледување на оваа група случаи најдоцна на состанокот закажан за во јуни следната година.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.10.2020 - 19:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега