Европската комисија утврди дека дизајнот на TikTok поттикнува зависност и претставува ризик за менталното здравје, особено кај децата и младите

Европската унија би можела да го принуди TikTok да воведе значајни промени во начинот на кој функционира апликацијата, откако Европската комисија во прелиминарна одлука оцени дека платформата го прекршила Актот за дигитални услуги (DSA). Според Комисијата, таканаречениот „адиктивен дизајн“ на TikTok може сериозно да наштети на физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата и ранливите групи.

Во документот се наведува дека TikTok не извршил соодветна проценка на ризиците поврзани со начинот на кој е дизајнирана апликацијата. Постојаното „наградување“ на корисниците со нови видеа и препораки го поттикнува бесконечното скролање и, како што оценува Комисијата, го префрла мозокот во режим на „автопилот“.

Овој модел, според европските регулатори, може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола, а особено загрижува фактот што платформата не реагирала на јасни индикатори за прекумерна употреба, како ноќното користење на апликацијата од страна на деца.

Комисијата размислува за наметнување директни интервенции во дизајнот на TikTok, вклучително и во алгоритмот за препорака на содржини.

„Во оваа фаза, Комисијата смета дека TikTok мора да го промени основниот дизајн на својата услуга“, се наведува во соопштението, со можни мерки како ограничување или укинување на бесконечното скролање, воведување ефективни паузи од екран (вклучително и ноќе) и прилагодување на алгоритамскиот систем.

Постоечките алатки за контрола на времето поминато на апликацијата, како и родителските контроли, се оценети како недоволни. Европската комисија наведува дека овие опции лесно се заобиколуваат, додека нивното поставување е сложено и неефикасно за реална заштита на децата.

Притоа, Комисијата нагласува дека станува збор за прелиминарна одлука и дека TikTok ќе има можност да ги оспори наодите во текот на постапката.

Кршењето на DSA може да резултира со казна до 6 проценти од годишниот глобален промет на компанијата, но и со задолжителни структурни промени, како целосен редизајн на апликацијата. Иако TikTok не ги објавува своите приходи, се проценува дека годинава би можел да оствари промет од околу 35 милијарди долари.

Минатата година, платформата X (поранешен Twitter) беше казнета со 120 милиони евра за прекршување на DSA, што беше првата санкција изречена според овој закон – сигнал дека Европската унија сериозно ја заострува регулацијата на големите дигитални платформи.

Exit mobile version