Туристите кои одмараат на Медитеранот ова лето се соочуваат со исклучително топли мориња, откако температурите на морската површина во повеќе региони го надминаа повеќегодишниот просек.

Според најновите податоци, најтоплите мориња моментално се регистрирани во источниот Медитеран. Долж бреговите на Грција, Турција и Кипар, температурата на водата се движи помеѓу 28 и 30 степени, а на одредени локации се забележуваат и повисоки вредности.

Високи температури се бележат и во Јадранското Море. На хрватскиот и црногорскиот брег, измерени се вредности од 25 до 28 степени.

Во Јонското Море, на подрачјето на западна Грција и јужна Италија, температурата се движи од 26 до 28 степени, додека во Егејското Море е меѓу 25 и 29 степени, во зависност од локацијата и влијанието на ветерот.

На подрачјето на западниот Медитеран, каде што спаѓаат бреговите на Италија, Сардинија, Сицилија и Шпанија, морската температура изнесува од 24 до 28 степени, со тоа што најтопло е долж јужниот италијански брег и Балеарските Острови.

Метеоролозите предупредуваат дека ваквите високи температури на морето претставуваат голем резервоар на енергија за развој на силни летни бури, кои особено се очекуваат кон крајот на летото и почетокот на есента.

Покрај тоа, иако топлата вода овозможува пријатно пливање, таа го зголемува и ризикот од топлотен стрес. Затоа на туристите им се препорачува да избегнуваат изложување на сонце во најжешкиот период од денот, да консумираат доволно течности и редовно да ги следат локалните временски предупредувања.

И покрај тоа, за повеќето туристи кои летуваат во Грција, Турција, Црна Гора, Хрватска и Италија, условите за капење се одлични, а морето е меѓу најтоплите во последните неколку сезони.

Инаку, најавите покажуваат дека крајот на јули и почетокот на август ќе донесат екстремно високи температури на воздухот во јужна Европа и Медитеранот, кои на места ќе достигнат од 40 до 45 степени.

Exit mobile version