Во Европската Унија од денеска започнува примената на нови правила за амбалажата и амбалажниот отпад, со кои значително се ограничува употребата на PFAS-соединенијата во материјалите што доаѓаат во контакт со храната.

Новите мерки директно ги засегаат производите од хартија и картон за храна за носење, како кутии за хамбургери, помфрит, кесички за ќебапи и хартија за пекарници, каде што овие хемикалии со години се користеа за одбивање вода и маснотии.

Според регулативата, на пазарот во ЕУ не смее да се пласира амбалажа која содржи PFAS над максимално дозволените граници. За поединечни PFAS-соединенија дозволената граница е 25 ppb, за збирот на целно анализираните е 250 ppb, додека за вкупната содржина, вклучувајќи ги и полимерните PFAS, границата изнесува 50 ppm.

Германските организации за заштита на потрошувачите посочуваат дека овие лимити се поставени толку ниско што намерното додавање PFAS во практика станува речиси невозможно.

Одговорноста за примена на новите правила ја сносат производителите, увозниците и компаниите во синџирот на снабдување. Важен детал е што амбалажата која била ставена на пазарот пред 12 август нема да се повлекува и ќе остане во промет до исцрпување на залихите.

PFAS-соединенијата, познати и како „вечни хемикалии“, опфаќаат илјадници синтетички супстанции кои се многу постојани во животната средина, а ЕУ ја издвојува амбалажата како еден од можните извори на изложеност за луѓето.

Оваа мерка е дел од пошироката реформа на ЕУ за намалување на амбалажниот отпад, поттикнување на повторната употреба и рециклирањето, како и постепено елиминирање на штетните супстанции.

Exit mobile version