Европската Унија од денеска започнува со примена на нов автоматски и динамичен механизам за прилагодување на цената на руската нафта, соопшти Европската комисија.

Според новата одлука, ограничувањето на цената на руската нафта изнесува 44,10 долари за барел и ќе важи од 1 февруари. Во соопштението се наведува дека, почнувајќи од 15 јануари, старите договори склучени според претходната ограничена цена ќе можат да се применуваат во период од 90 дена.

Комисијата потсетува дека во рамки на 18-тиот пакет санкции кон Русија, максималната цена на руската нафта беше намалена од 60 на 47,60 долари за барел. Истовремено беше најавено и воведувањето на нов автоматски и динамичен механизам за утврдување на идните ценовни ограничувања.

„Новиот механизам гарантира дека ограничувањето е секогаш 15 отсто пониско од просечната пазарна цена на уралската нафта во претходниот референтен период од 22 недели“, се додава во соопштението.

Според Европската комисија, ограничувањето на руските приходи од енергенсите постојано било и ќе остане врвен приоритет за ЕУ, со цел да се ослабне способноста на Москва да ја води својата, како што се наведува, илегална воена агресија во Украина.

„Ограничувањето на цените ќе биде предмет на редовна ревизија на секои шест месеци од страна на Комисијата, иако вонредни ревизии се можни кога тоа е соодветно оправдано со развојот на настаните на пазарите на нафта или други непредвидени околности“, нагласи ЕК, додавајќи дека е во редовен контакт со земјите членки и меѓународните партнери за да се обезбеди тесна координација на мерките.

Комисијата потсетува дека Г7 во 2022 година ја формираше Коалицијата за ограничување на цените на нафтата и воспостави механизам за ограничување на цените на руската нафта и нафтените деривати што се транспортираат по море.

Врз основа на овој механизам, на компаниите од ЕУ им е дозволено да обезбедуваат поморски транспорт и други услуги за руската нафта и нафтените деривати само доколку тие се продаваат по цена на или под утврденото ограничување.

„Овој механизам е специјално дизајниран да изврши дополнителен притисок врз приходите од нафта на Русија, а воедно да ги одржува глобалните енергетски пазари стабилни преку континуирано снабдување“, додава Европската комисија.

Exit mobile version