Земјите членки на Европската унија постигнаа начелен договор да ги задржат замрзнати руските средства во блокот на неопределено долг период – потег што се смета за важен напредок кон финализирање на планот за нивно користење за финансирање на т.н. заем за репарации на Украина.

Формалното усвојување се очекува утре на состанокот на Комитетот на постојани претставници (Корепер), и тоа врз основа на член 122 од Договорот за функционирањето на ЕУ. Овој член дозволува носење одлуки со квалификувано мнозинство во ситуации кога постои „економска итност“, наместо да се бара едногласност.

Досега замрзнувањето се продолжуваше на секои шест месеци со консензус, но новиот договор го отстранува ризикот дека некоја членка би можела да го блокира понатамошното замрзнување во иднина.

Истовремено, потегот се смета и за клучен чекор за да се спречи потенцијално враќање на средствата во Русија доколку санкциите еден ден бидат укинати – прашање што досега беше главната причина за резервите на Белгија во однос на користењето на средствата за финансирање на заемот за Украина.

Договорот доаѓа само еден ден по изјавата на белгискиот премиер Барт де Вевер, кој ја доведе во прашање законитоста на „трајно замрзнување“ на руските средства преку членот 122.

„Овој член е за вонредна состојба во ЕУ. Каде е вонредната состојба? Во Украина има вонредна состојба. Но, Украина не е во Европската Унија“, рече Де Вевер.

Според најавите, Белгија најверојатно ќе биде воздржана на утрешното гласање, додека Унгарија и Словачка ќе се изјаснат против. И покрај тоа, потребното квалификувано мнозинство за усвојување на одлуката би требало да биде обезбедено.

Exit mobile version