Романското Министерство за одбрана вчера објави дека неутрализирало поморски дрон од типот „Sea Baby“, пронајден во близина на Констанца, поради безбедносните ризици поврзани со војната во Украина. Дронот, кој е украинско производство, бил уништен со контролирана детонација.
Инцидентот се случил околу 13:00 часот, 66 километри источно од романското пристаниште Констанца.
„Интервентниот тим доби овластување да го неутрализира идентификуваниот објект, во согласност со важечките оперативни процедури, а околу 13:00 часот поморскиот дрон беше уништен со контролирана детонација“, информираше романското Министерство.
Иако станува збор за дрон „Sea Baby“, развиен од Украина, портпаролот на Министерството за одбрана на Романија одбил да прецизира од која земја доаѓа објектот.
Сепак, официјален Киев веднаш реагираше. Безбедносната служба на Украина (СБУ) категорично негира дека станува збор за нивен дрон.
„Ниту еден од нив не влегол во романските води. Украина непогрешливо се придржува до меѓународното право, не ги крши меѓународните граници и се однесува кон своите партнери со почит“, порача прес-службата на СБУ, тврдејќи дека сите нејзини „Sea Baby“ дронови се под контрола.

