Пратеничката група на АфД во петокот објави соопштение во кое бара укинување на парламентарниот имунитет на Фридрих Мерц, тврдејќи дека неговите изјави упатени кон партијата „имаат кривично-правна тежина“. Според нив, Мерц не треба да ја ужива вообичаената правна заштита поради наводна клевета.

Тензиите ескалираа за време на собраниската расправа, откако копретседателката на АфД, Алис Вајдел, оштро ја критикуваше неговата политика. Реплицирајќи ѝ на критиките, Мерц порача:

„Милиони луѓе со мигрантско потекло работат и во занаетчиството. А кога она за што вие овде се залагате, односно ‘ремиграција’, би станало реалност, тоа не би било ништо друго освен етничко чистење врз основа на бојата на кожата и потеклото… Дами и господа, зборот ‘ремиграција’ не е ништо друго освен синоним за етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата.“

И покрај тоа што неговиот говор беше прекинат од дофрлања на пратениците од АфД, тој остана на своите ставови.

Штефан Бранднер, правен советник на пратеничката група на АфД, оцени дека изјавата ја преминува границата на парламентарниот имунитет и влегува во рамките на клеветата. Иако согласно член 46 од германскиот Устав пратениците не можат кривично да бидат гонети за изјави дадени во парламентот, клеветничките навреди претставуваат исклучок. За надлежните органи да можат да поведат истрага и евентуално обвинение, Бундестагот претходно мора да изгласа одземање на имунитетот на пратеникот.

Exit mobile version