Цените на енергенсите на светските берзи вртоглаво растат по последната ескалација на Блискиот Исток. Нафтата од типот „Брент“ денеска забележа дополнителен раст од над 3%, достигнувајќи го едногодишниот максимум од 80 долари, откако во еден момент ги надмина и 82-та долари за барел.

Главна причина за паниката е стравот од целосна блокада на Ормускиот Теснец. Иранските власти веќе упатија предупредување до танкерите дека нема да биде дозволен премин низ оваа клучна артерија, низ која поминува една петтина од светското снабдување.

Уште подраматична е состојбата со природниот гас. Цените се зголемија за рекордни 52 отсто откако „КатарЕнерџи“ го прекина производството на течен гас поради иранските напади врз нивните постројки. Овој скок е најбрз од почетокот на војната во Украина и најавува драстично повисоки сметки за домаќинствата во претстојниот период.

Финансиските пазари реагираа со пад. Лондонскиот индекс FTSE 100 вчера потона за 1,2%, а негативен тренд се очекува и на денешното отворање. На Волстрит, американските берзи едвај ги надоместија загубите, но аналитичарите предвидуваат голема нестабилност во наредните часови.

Exit mobile version