Силна експлозија денеска ја потресе околината на амбасадата на САД во Осло, предизвикувајќи материјална штета на објектот. Според соопштението на норвешката полиција, во инцидентот нема жртви ниту повредени лица.
Експлозијата се случила околу 1:00 часот по локално време, во комплексот на американската дипломатска мисија лоциран во западниот дел на норвешката престолнина.
„Можеме да потврдиме дека ударниот бран од експлозијата беше во американската амбасада,“ изјави портпаролот на полицијата, Микаел Делмер, за јавниот сервис NRK, појаснувајќи дека оштетувања се видливи на самиот влез на конзуларниот оддел.
Истрагата е во почетна фаза
Иако штетите се опишани како незначителни, полицијата сè уште не открива детали за типот на експлозивната направа. Регионот веднаш бил ставен под строг безбедносен прстен.
Сведоштвата на локалните жители го потврдуваат сериозниот одговор на службите. Шеснаесетгодишниот Едвард, жител на населбата, за телевизијата TV2 изјави дека по силниот тресок, глетката била драматична: „Имаше полициски кучиња, дронови, вооружени полицајци и хеликоптери.“
Полицијата продолжува со увидот на терен за да се утврдат причините и мотивите зад овој напад.


