Експертите предупредуваат: Пазарот преплавен со фалсификуван мед

Не купувајте и „бегајте“ веднаш ако медот е како „Струмка“ или „Газоза“, велат експертите. Пазарите се преплавени со 50 до 70 отсто фалсификуван мед што многу тешко се препознава, а го прават луѓе кои никогаш не виделе пчели.

Во Словенија продажбата на мед преку 90 проценти е „од куќен праг“, диреткно од производителот. Само 10 отсто од потрошувачите купуваат мед во маркет.

Колку сме подготвени да го следиме словенечкиот пример, имаме ли доволно доверба во нашите пчелари, како ќе ја завршиме годината, ќе јадеме ли поскап мед?

– Заблуда е дека постојат „цаки“ како да препознаете вистински мед – „ако се тегне кога ќе ја свртите лажичката, ако направите ова или она, вака или така“, како што пишува на интернет. Фалсифакаторите денес се многу добри. Ставаат шеќер, малку етерично масло и малку мед. Тоа е всушност смеса кој нема ништо од мед, а може да се докаже само во лабораторија или поточно, во една лабораторија – во Германија. Не е штетен за здравјето на луѓето, но ги нема оние атрибути што ги има чистиот, прав мед, вели Боштјан Ноч, претседател на Пчеларската асоцијација на Словенија и иницијатор за одбележување на Светскиот ден на пчелата.

Во разговор за МИА, тој порачува дека мед треба да се купува исклучиво од домашни, вистински производители.

Според него, ако медот (тегла од 900 грама) е под 10 евра, тешко може да се каже дека е вистински. Пчеларите никогаш не произведуваат мед од две, три или четири евра зашто пчеларењето не е воопшто едноставна работа.

– Реалната цена на вистински мед е 10 до 15 евра за тегла (900 грама). Се што е под 10 евра е „проблематично“. И еве, уште еднаш, ако медот е две, три или четири евра јас не би му верувал, тоа не е мед од пчелари, одговара Ноч на прашањето дали да се купува мед во маркетите.

Словенечкиот експерт уште еднаш нагласува дека просечен купувач не може да препознае вистински мед и затоа треба да купува директно од пчеларите. Проблем е и тоа што најчесто нема анализи, кои ионака се многу скапи.

30.10.2021 - 10:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега