Во основното училиште „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда се одржа едукативно предавање на тема „Пубертетот и менструалниот циклус кај девојчињата“. Настанот е организиран во соработка меѓу Институтот за јавно здравје и Општина Гази Баба, со цел младите навремено да се информираат за промените при растењето.
Ова предавање е дел од пошироката иницијатива за подигнување на свеста кај младите за важноста на биолошкото, репродуктивното и менталното здравје. Како што информираат од локалната самоуправа, ваквите разговори им помагаат на девојчињата полесно да ги разберат промените низ кои поминуваат и да изградат самодоверба.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека едукацијата е клучот за здрав и правилен развој на младите.
„Како локална самоуправа, остануваме посветени на поддршката на вакви проекти и активности кои придонесуваат за подобра информираност, едукација и заштита на здравјето на децата и младите. Веруваме дека вложувањето во младите генерации значи вложување во поздрава, посигурна и поодговорна иднина“, изјави Стефковски.
Од општината најавуваат дека во наредниот период ќе продолжи реализацијата на вакви едукативни предавања и работилници на различни теми во повеќе училишта на територијата на Гази Баба.
На крајот, градоначалникот упати благодарност до партнерската институција вклучена во проектот.
„Голема благодарност до Институтот за јавно здравје и директорката Марија Андоновска за одличната соработка, поддршката и заедничката посветеност во реализацијата на овие значајни активности за младите“, додаде Стефковски.


