Основното јавно обвинителство Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на вчерашниот трагичен случај во Карпош, кога при пад од висококатница загинаа мајка и дете. Едно лице е задржано во полициска станица, а по наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.

Во соопштението од обвинителството се наведува дека обезбедена е наредба од судија на претходна постапка, по што ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.

„Денеска, по наредба на јавниот обвинител, се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се извршува екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други локации. Вчерашниот ден, исто така, беше извршена и обдукција на починатите“, се наведува во соопштението.

Во врска со претходните постапки, јавниот обвинител побарал детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи за сите евентуални пријави и поплаки поврзани со оштетената, а ќе нареди и внатрешна контрола на МВР за да се испита постапувањето по тие пријави.

Exit mobile version