Општините во земјава потрошиле вкупно 785.000 евра за новогодишно украсување, а речиси целата сума завршила на сметката на една иста фирма. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации открива дека скопската фирма „Линк Медиа Плус“ доминира на пазарот, добивајќи 78% од вредноста на сите тендери во државата.

Најмногу пари за светилки потрошила Општина Штип – рекордни 81.000 евра, со што се најде пред Градот Скопје кој за истата намена одвоил околу 69.500 евра. Интересен е податокот дека Штип потрошил по 111 денари по жител, додека Скопје само 8 денари. Кога на сумата на Град Скопје ќе се додадат и шесте скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош), излегува дека во метрополата за украсување се „стопиле“ над 284.000 евра – сите кај истата фирма.

Истражувањето алармира за сериозно отсуство на конкуренција. На дури 81% од тендерите учествувала само по една фирма. „Просечниот број понуди изнесува само 1,15, што е далеку под минимумот за пазарна конкуренција“, стои во извештајот. Дополнително, 94% од договорите се потпишани во декември, на само две недели пред Нова година, што според Центарот, ги фаворизира фирмите кои веќе ја имаат опремата на располагање.

Exit mobile version