Силно невреме што од рано утрово зафати делови од Грција однесе двајца животи – припадник на крајбрежната служба во Астрос на Пелопонез и жена во атинската населба Глифада, јави дописничката на МИА од Атина.
На Пелопонез, припадникот на крајбрежната служба загина додека бил на должност на пристаништето во Астрос. Поради силниот ветер и големите бранови, паднал во море.
Во Атина, жена што се движела пеш била повлечена од поројната вода на поплавена улица и животот го загуби на местото на несреќата.
Противпожарната служба примила над 600 повици за помош, а најпогодени се западните и јужните предградија на Атика. Поплавени се улици и централни булевари, што предизвика прекин на сообраќајот, како и проблеми со трамвајот и метро линиите поради поплавени шини.
Властите издале пораки за евакуација на жителите од две предградија поради излевање на локален поток. Исто така, водата надоила и на двете реки во Атина.
Бројот 112 за итни случаи испрати препораки до жителите да ги ограничат движењата само на апсолутно неопходните и да ги следат упатствата на надлежните органи.
„Поради интензивни временски појави што се очекуваат во периферијата Атика од пладне до доцна навечер во среда, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи“, се наведува во пораката од бројот 112.

