Двајца градоначалници од ДУИ нема да добијат од унгарскиот колач

 

Двајца градоначалници од ДУИ кои аплицирале на финансирање на проекти од локален карактер, нема да добијат дел од унгарскиот колач. Станува збор за општините Теарце и Сарај, општини чии градоначалници доаѓаат од редовите на ДУИ.

Согласно владината одлука, овие две општини се дел од вкупно четири кои не ја поминале фазата за на евалуација кај ресорните министерства. Другите две општини кои нема да добијат пари од Владата за проекти се Град Скопје и Струмица.

Инаку, по извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари или околу 65 милиони евра.

„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.

 

16.10.2024 - 21:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега