Двајца анестезиолози во ек на пандемијата ја напуштаат ГОБ „8 септември“ и заминуваат на работа во Систина

Двајца анестезиолози од вкупно 13 во Градската болница „8 септември“ во најголемиот ек на пандемијата со Ковид-19 одлучиле да ја напуштат и да заминат на работа во приватната болница „Систина“, неофицијално дознава „Фокус“.

Според информации на „Фокус“, тие во петокот се обратиле до директорот на болницата, доктор Кристијан Костов позната како Ковид центар и во која во моментот се носат најтешките случаи за да им потпише отказно решение. „Фокус“ дознава дека едниот од анестезиолозите претходно веќе работел во приватната болница, но се вратил во Градската болница, од која сега сака повторно да замине.

Како што дознаваме, на двајцата анестезиолози за да останат на работа во болницата им било понудено да останат и две недели на одмор, но сепак во најтешките моменти во историјата на оваа болница да не ги оставаат на цедило нивните колеги, кои деноноќно водат битка со пациентите од кои од седум до 12 секојдневно ја губат битката со вирусот.

Тоа значи дека, ако двајцата анестезиолози заминат во „Систина“, во болницата ќе останат само уште 11. Факт е дека тие управуваат со респираторите, а нема ден во ГОБ „8 септември“ на респираторна машина да не се ставени 8 или 9 пациенти заразени со корона вирус, кои се наоѓаат во најтешката фаза.

Овие информации ги потврдија и од болницата.

Исто така, тоа што е уште пострашно е дека за време на целата корона криза во Градската болница работат само двајца инфектолози, а во моментот таму се хоспитализирани 140 пациенти носители на смртоносниот вирус, а оваа болница секојдневно ги полни црните статистики со починати.

Заклучно, со вчерашниот извештај на министерството за здравство, во ГОБ „8 септември“ починаа пет пациенти од вкупно седум, на возраст од 56, 62, 64, 65 и 82 години и со тоа вкупната бројка на починати од Ковид 19 се искачи на 341 лице.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.07.2020 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега