Секоја нова иницијатива која има за цел да го заобиколи директното спроведување на Законот за употреба на јазиците во испитите за кандидатите правници претставува голема измама и обид да се избегнат обврските што произлегуваат од законот. Прашањето за употребата на албанскиот јазик во овие испити не е прашање што бара нови решенија, нови иницијативи или нови толкувања, туку бара само спроведување на постоечкиот закон. Секое отстапување од овој пат во суштина претставува избегнување на законските обврски и деградација на постојниот јазичен статус, велат од ДУИ.
Законот за употреба на јазиците е lex specialis и како таков се применува директно и има предност во однос на другите закони. Овој закон е јасен, прецизен и целосен во ситуациите што ги предвидува, вклучително и употребата на јазиците за испитите за правосудство, нотаријат и извршување. Поради тоа, секоја иницијатива за усогласување на другите закони со образложение дека дури по усогласувањето може да се применува употребата на албанскиот јазик претставува повреда на правниот поредок и релативизирање на право кое е загарантирано со закон.
Ставот дека проблемот се решава преку усогласување на законите за правосуден испит, нотаријат и извршување е во директна спротивност со Законот за употреба на јазиците, конкретно со член 23 ставови 4 и 5, кои веќе јасно ја уредуваат употребата на јазикот и не оставаат никаков простор ова право да се условува со усогласување на законите или со барање од кандидатот. Правото на употреба на јазикот не е привилегија, туку загарантирано право и не може да зависи од дополнителни административни процедури или погрешни толкувања.
Реалниот проблем не е недостатокот на усогласување на законите, туку недостатокот на волја за спроведување на Законот за употреба на јазиците. Ваквите предлози, вклучително и оние на Народниот правобранител, во суштина претставуваат намалување на стандардот на јазичните права, додека „експертот“ кој го брани овој став не е ништо друго освен платеник за создавање конфузија.
Доколку се прифати логиката дека правото зависи од усогласувањето на законите, тогаш со право се поставува прашањето: што се случува ако законите не се усогласат? Дали тоа значи дека граѓаните и студентите немаат право да го користат својот јазик? Такво толкување е неприфатливо и е во спротивност со самата суштина на правата загарантирани со закон и со Уставот.
Ова прашање не се решава со нови иницијативи, ниту со комисии, ниту со бескрајни усогласувања, туку се решава само на еден начин: со директно спроведување на Законот за употреба на јазиците, стои во реакцијата на ДУИ.


