ДУИ бесни по одлуката за Богојевски: Евтина провокација, овде навредите кон Албанците се наградуваат
Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на Владата за именување на Петар Богојевски за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови, како што велат, институција што има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, а не да ги навредува и понижува.
- Именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава. Посебно иронично и трагично е тоа што истиот овој поединец беше предмет на кривична пријава токму од партиите на ВЛЕН во Владата – а денес, со нивна поддршка, е награден со водечка функција. Овој чин е јасен сигнал: навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку и се наградуваат со државни позиции. Тоа претставува опасна порака дека секој што сака да гради политичка кариера, доволно е да ја понижува албанската заедница. Дополнително, доверувањето на управувањето со европски фондови на човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ, кои ги финансираат овие програми, велат од ДУИ.
ДУИ повикува на итно повлекување на одлуката за назначување на Богојевски за директор.
- Повикуваме на итно повлекување на оваа срамна одлука и враќање на сериозноста во процесите што се однесуваат на европската интеграција, образованието и соживотот. Владата не смее да си дозволи да ја претвори државата во сцена за евтини провокации, на штета на соживотот и европската перспектива, велат од партијата.
Инаку, Богојевски доаѓа на местото на Марко Ѓоргиевски, а официјалното примопредавање на обврските во рамки на ЕУ, во присуство на претставници на Европската Комисија, ќе се одржи на 15 мај 2025 година во Варшава, Полска.
Тој се огласи по назначувањето за директор.
-Почитувани пријатели, почитувани сограѓани, почитувана јавност, Со особена чест и чувство на одговорност ве информирам дека ја примив Одлуката од страна на стручниот Управен одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со која на Јавен повик сум избран на позицијата директор на оваа важна национална институција. Овој предизвик го прифатив свесно и одговорно, не затоа што е лесен, туку токму поради комплексноста и сериозноста на задачите што произлегуваат од образовниот сектор, особено во рамките на европските образовни програми, напиша Богојевски на Фејсбук.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа