3,66 – ова е просечната оцена на државната матура за оваа година. Резултатите се скоро идентични со ланската, која се заокружи со просек од 3,69. Надлежните сметаат дека тоа што за првпат се полагаа три вида матура, државна, државна стручна и државна уметничка вродило со плод – бидејќи секој бил тестиран за она што го учел во изминатите години.
02.34 „Задоволна сум што две години по ред се одржува овој просек за разлика од 2024-та кога изнесуваше 3,26. Одделно, просекот од државната матура е 3,62, од стручната е 3,91 и од уметничката матура е 3,59“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Но овие податоци ќе бидат компаративни дури од следната учебна година, кога по вторпат ќе има полагање по новиот модел.
Резултатите од матурата покажуваат дека највисок просек има по руски и германски јазик. По математика просечната оцена изнеува 4,3, а по мајчин јазик 3,95. Најнизок просек е забележан по англиски јазик, 3,18.
Препишувачи имало и оваа година. На 226 деца им е поништен тестот и ќе одат повторно да полагаат во август. За споредба, лани 172 матуранти биле фатени како препишуваат, а во 2024 година таа бројка била 264.
„Поднесени се 805 приговори, значи од вкупниот број, 2,86% од учениците приговарале. Дел од тие ученици биле во право и на тие што биле во право им биле прифатени преговорите. Значи прифатени се 0,95% од приговорите“, изјави директорката на Државниот испитен центар.
Повторното полагање на државната матура започнува на 12 август. Ќе се реализира во четири градови, на осум локации. Исто како во јуни, ќе се полага во амфитеатрите на факултетите и спортските сали, без мобилни телефони и со тестатори.
За овогодинешното полагање на државна матура биле пријавени 14.587 ученици, а отсутни биле 2,39% . Најголем интерес имало за полагање на државната матура 12.184. Помалку 2.276 за стручна матура, односно 127 за уметничка.


