Државен пазарен инспекторат: Над 100.000 евра казна за прекршителите на замрзнатите цени

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 13.03 до 19.03.2023 година има извршено над 650 инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија. Наплатени и издадени се над 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари.

„Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало

Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари.

Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на законите по кои постапува пазарниот инспекторат.

Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа.

Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“, велат преку соопштение од Државниот пазарен инспекторат.

23.03.2023 - 16:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега