Успешно надминување на предизвиците од енергетската криза, зголемување на сигурноста во снабдувањето и реализација на клучни капитални и инфраструктурни проекти се во фокусот на актуелните политики на извршната власт. Преку низа мерки, институциите успеаја да обезбедат стабилно функционирање на домашниот енергетски систем, притоа задржувајќи ги цените под контрола.
Осврнувајќи се на постигнатите резултати во изминатиот двегодишен период, пратеникот Жан Дрвошанов детално ја истакна заложбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ:
„За само две години Владата успеа да ја зачува сигурноста во снабдувањето со енергенси, да обезбеди едни од најниските цени на горивата во регионот, да спроведе значајни инфраструктурни проекти, да го модернизира пазарот на електричната енергија и да воспостави политики кои се усогласени со европските стандарди.“
Во делот на инфраструктурното поврзување и енергетската независност, посебно беше наглашено активирањето на стратешките капацитети по повеќегодишен прекин, како и развојот на нови правци за снабдување со природен гас.
„Особено значајно е што по цели 13 години повторно е ставен во функција продуктовододот Солун-Скопје, инфраструктурен проект со исклучително значење за сигурно и континуирано снабдување со нафтени деривати и за зајакнување на енергетската безбедност на државата.“
„Во тек е изградбата на гасната интерконекција со Грција, а активно се работи и на реализација на интерконекцијата со Србија. Со овие проекти Македонија добива нови алтернативни правци за снабдување со природен гас, што значи поголема енергетска независност, поголема конкуренција и поголема сигурност.“
Паралелно со инфраструктурните зафати, фокусот бил ставен и на социјалната димензија и заштитата на домаќинствата преку воспоставување системски решенија за енергетската сиромаштија и директна финансиска помош.
„Посебно внимание беше посветено и на заштитата на ранливите категории граѓани. Донесена е првата Методологија за мерење на енергетската сиромаштија во државата, со што за првпат се воспоставува системски пристап во креирањето политики за поддршка. Доделени се повеќе од 4.000 ваучери за набавка на инвертер клима-уреди за ранливите домаќинства, а обезбедени се и 148,8 милиони денари директна финансиска поддршка за ранливите потрошувачи.“


