Меѓународниот аеродром во Кувајт беше оштетен во средата рано наутро од напад на иранско беспилотно летало, соопшти тамошната цивилна авијација.
Нападот предизвика сериозни материјални штети, а според првичните информации има и настрадани лица.
Оштетени се неколку згради, а пријавени се и повредени, јавува Ројтерс повикувајќи се на властите.
Поради безбедносни причини и непосредна опасност, воздушниот простор над земјата веднаш е затворен за цивилен сообраќај.
Летовите и воздушниот сообраќај во Кувајт беа прекинати по нападот, објави Кувајтската новинска агенција.
Овој инцидент доаѓа во момент кога аеродромот дури пред два дена успеа делумно да се оспособи од претходните воени дејствија во регионот.
Зградата на терминалот 1 на аеродромот беше повторно отворена дури во понеделникот, според извештаите на локалните медиуми, откако беше оштетена во претходниот ирански напад кон крајот на февруари.
Воените структури во Кувајт потврдија дека во текот на ноќта и утрото бил активиран штитот за противвоздушна одбрана низ целата територија.
Во текот на утрото властите објавија дека кувајтската воздушна одбрана пресретнала „непријателски проектили и напади со беспилотни летала“. Тогаш Генералштабот ги повика граѓаните да ги почитуваат безбедносните упатства и да не се приближуваат до шут или неидентификувани предмети.
Соопштението на Генералштабот уследи по извештаите на иранските медиуми за експлозии во областа на островот Кешм, без да се прецизира причината. Поради близината на воените дејствија, сирени за тревога се активирани и во соседен Бахреин.


