Драматично сведочење на српскиот вештак Давор Радославевиќ денеска во Кривичниот суд во Скопје. Во вкрстеното испрашување од одбраната на првообвинетиот Нино Васев, вештакот децидно потврди дека на Клиниката за онкологија се правеле сериозни пропусти – пациентите биле неправилно лекувани, редоследот на терапиите не се почитувал, а со тоа директно им бил скратен животниот век.
Радославевиќ нагласи дека се применувале методи кои во модерната медицина се надминати пред деценија и пол, без соодветни молекуларни наоди кои се стандард во Европа.
„Зборуваме за клиничка пракса која е надмината пред 15 години. Примената на хемотерапија без позната мутација денеска е логистички проблем, а не биолошка категорија. На водечката клиника во Македонија морало да се обезбедат елементарни наоди пред да се лекуваат метастатски пациенти“, изјави вештакот Радославевиќ.


