Краткотрајното, но исклучително интензивно невреме што вчера го зафати Скопје зад себе остави материјална штета во речиси сите скопски населби. Силен ветер, проследен со дожд, соборуваше дрвја, гранки и лимови, кои можеа да се забележат на повеќе улици низ градот.

Меѓу погодените населби беше и Кисела Вода, каде што невремето за малку ќе предизвикало и трагедија. На улицата „Петар Делјан 2“, дел од фасада се одлепил од станбена зграда и за влакно избегнат е потежок инцидент, откако парчето паднало непосредно пред станар кој влегувал во влезот, брзајќи да се засолни од невремето, дознава Прес24.

Влезот по паднатата фасада, на Петар Дељан 2

За среќа, инцидентот завршил без повредени, а скопјанецот кој за влакно избегнал да биде погоден, за Прес24 раскажува што се случило во тие драматични моменти.

„Брзав кон дома кога почна силното невреме. Кога стигнав пред влезот, слушнав силен звук. Веднаш погледнав нагоре и видов како почна да паѓа дел од фасадата. За среќа, брзо изреагирав и скокнав на тревникот покрај влезот, па фасадата ме промаши. Имав огромна среќа, бидејќи парчето беше огромно и доколку не погледнев нагоре и бев само малку понапред, последиците можеа да бидат многу посериозни“, изјави скопјанецот ексклузивно за Прес24.

Последните податоци на МВР говорат дека во Скопје имало најмногу штети од невремето. Според МВР, најголеми последици се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22 часот вчера биле евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.

Exit mobile version