Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција откри дека доктор вработен во јавно здравство заработил 700 илјади денари за еден месец, но притоа не сподели детали за кого станува збор и за која здравствена институција.
– И Министерството за здравство и Владата ги знаат институциите, дозволете институционално да го решиме ова. Не би смеел да ги кажам деталите на прес-конференција бидејќи ќе загрозам систем што не треба да се загрози. Знаеме дека нашата работа може да се заврши за две недели отсега, но тие се процедури и ќе треба други институции да ги процесуираат, рече тој.
Алиу не ја исклучува можноста за кривична одговорност за ваквата пракса. Најави дека ќе воведаат системи за евиденција на работното место со отпечаток од прст (фингер принт) за здравствените работници и рече дека веќе во две клиники го тестираат ваквиот систем.
– Системот првин ќе биде воведен во клиниките во Скопје, а потоа и во другите клиники во земјата за да може да ги следиме законски. Имаме ситуации каде што доктори прегледуваат еден пациент неделно, а други и 100 пациенти неделно. И едното и другото не е во ред. Мора да ги следиме и да направиме систем, кој, прво, реално ќе го следиме ние како Министерство и, второ, ќе реагираме навреме – рече министерот.

