Основното јавно обвинителство Гевгелија отвори истрага против едно лице осомничено за убиство по член 123 став 1 од Кривичниот законик, откако на 1 ноември попладне, во селото Сретеново, Општина Дојран, со умисла лишил од живот свој познаник.

Според информациите, осомничениот и сега починатиот Никола Тимев претходно биле пријатели и заедно седеле пред еден угостителски објект, каде пиеле. Меѓу нив настанала вербална расправија, која брзо прераснала во физичка пресметка.

Осомничениот најпрво го удирал оштетениот со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќе од десетина скршеници на рацете, нозете и черепот. Нападот траел речиси половина час, по што напаѓачот го оставил тешко повредениот Тимев на скалите и побегнал од местото.

Случајни минувачи го забележале повредениот и повикале итна медицинска помош. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, но поради тешките повреди и обилното крварење подоцна починал.

Јавниот обвинител достави предлог за притвор до судијата на претходна постапка, бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоците во текот на истрагата.

Инцидентот го потресе мирното дојранско село, а истрагата треба да ги утврди сите околности што довеле до овој трагичен настан.

Exit mobile version