Дојави за бомби во училишта низ цела Македонија

 

Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговите надлежни служби преземаат сеопфатни плански мерки и активности по пристигнатите пријави за наводно поставени бомби утрово во училишта низ државава. 

-Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување, информира МВР. 

Напоредно со ова, наведува Министерството, се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.

-Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави.
Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот, се наведува во соопштението на МВР. 

Претходно МИА објави дека на службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата, се добиени дојави за поставени експлозивни направи.

Дојава за бомба, како што јавија дописниците на МИА од државава, утрово имало во Штип, Охрид, Струмица, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струга, Берово и Македонска Каменица.

Според соопштението на Општина Центар, утринава во ООУ „Киро Глигоров“ , ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ „ Гоце Делчев“ во Општина Центар биле добиени дојави за поставени експлозивни направи.

Во ООУ „Димитар Миладинов“ биле извршени детални антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави, па наставата продолжила редовно. Во ООУ „Киро Глигоров“, учениците беа навремено евакуирани, а наставата е прекината до завршување на целосниот увид. Во ООУ „Гоце Делчев“ каде денеска се прославува патронат и децата се ослободени од настава , во тек е полициска проверка.

Во речиси сите основни и средни училишта во Штип утринава има дојави за бомби по електронски пат. Учениците се евакуирани и има проверки на објектите од страна на полицијата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА вели дека станува збор за лажни дојави на бомби.

-Наставата продолжува да тече, нормално пријавено е во сите релевантни институции, СВР-Штип се на терен во сите училишта да ги извршат своите потребни контролни мерки. Ве уверувам дека станува збор за сајберски напад, кој има цел да предизвика немир кај наставниците и учениците и прекин во наставата, вели Јорданов.

Во едно основно училиште во Куманово во населбата Карпош имало дојава за наводно поставена бомба потврдија од СВР Куманово за МИА. Од полицијата потврдија дека антитерористичките единици на МВР вршат проверки. Учениците се пуштени дома, информираа родителите од училиштето „Магдалена Антова“. Од СВР Куманово најавија детали во текот на денот.

Портпаролот на СВР Тетово потврди дека имало дојави за бомби во повеќе образовни институции во тетовско-гостиварскиот регион. Во Гостивар дојави за бомби имало во три средни училишта, како и во Прилеп во три основни училишта.

Наставата во сите основни и средни училишта во општина Гостивар е во прекин откако утрово по електронска пошта пошта биле испратени пораки за наводно подметнати експлозивни направи.

Од Секторот за образование информираа дека заради настаната ситуација со дојавите за поставени бомби донеле одлука за прекин на наставата сè до добивање на потврда од надлежните институции дека се исполнети сите услови за безбедно одвивање на наставата и престој во училиштата

- Набрзо по контактите со повеќето директори на уќилиштата, презедовме мерки и препорачавме да се евакуира персоналот и учениците. Сите случаи се пријавени во МВР и очекуваме да се извршат потребните проверки. Засега нема да има настава во првата смена и не знаеме дали ќе завршат проверките и да започнеме со настава во попладневната смена, рече Аслијан Снопче.

Дојави за бомби имало во пет училишта во Струмица, информираа за МИА од Одделението за образование при Општина Струмица.

Според информациите оттаму, дојави за бомби има во Гимназијата „Јане Сандански“, Средното училиште „Димитар Влахов“, основните училишта „Маршал Тито“ во село Муртино и „Даме Груев“ во село Куклиш и Музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица.

Според информацијата од директорката на Гимназијата „Јане Сандански“, Невенка Стојанова, наставата не е прекината и најверојатно се работи за сајбер напад.

Во некои училишта, по извршените проверки од страна на МВР, наставата е продолжена. 

07.02.2025 - 11:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега