Директорот на Бољшој театарот поднесе оставка

 

Владимир Урин, директорот на светски познатиот московски Бољшој театар, најави оставка, пренесува ДПА, додавајќи дека минатата година Урин ја критикувал руската војна против Украина.

„Денес морам да се збогувам со вас, бидејќи денес е мојот последен работен ден на Бољшој“, им рекол 76-годишниот Урин на својот персонал во видео пораката што почнала да кружи на социјалните мрежи.

Портпаролката на тој престижен театар за ДПА ја потврди автентичноста на видеото и додаде дека наскоро ќе биде соопштено и официјално.

Урин беше еден од потписниците на отвореното писмо минатата година во кое културните работници повикаа на прекин на борбите во Украина.

Поради војната и санкциите од Западот, многу уметници го прекинаа својот ангажман во театарот.

Урин, кој ужива огромна репутација во театарскиот свет, не само во Русија, туку и пошироко, го презеде раководството на Бољшој во 2013 година. Според договорот тој требаше да остане на оваа позиција до 2027 година.

Руските медиуми кои ја објавија веста за оставката не ги наведоа причините за одлуката на Урин. Се шпекулира дека Урин би можел да биде заменет со светски познатиот диригент Валери Гергиев, кој е близок до претседателот Владимир Путин.

Но, 70-годишниот Гергиев, кој беше разрешен од функцијата главен директор на Филхармонијата во Минхен бидејќи не сакаше јавно да се изјасни за руската инвазија на Украина, рече дека е ангажиран во театарот Марински во Санкт Петербург и дека веќе бил многу зафатен и не барал дополнителна работа.

01.12.2023 - 22:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега