Во Ростуше, седиште на Општина Маврово и Ростуше, денеска се одржа средба посветена на зајакнување на соработката и интензивирање на контактите со македонската дијаспора во земјите од Европската Унија и Турција.
Гости на градоначалникот Онер Јакупоски беа директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, и пратеникот во Собранието на Република Македонија, Мевмед Џафери.
Според општинската прес-служба соговорниците направиле преглед на досегашните реализирани активности и ја потврдиле одличната меѓусебна соработка.
-Врвен приоритет на разговорот беа идното планирање и интензивирањето на средбите со нашите иселеници, со јасна цел, институциите да се приближат што е можно повеќе до дијаспората која живее и работи во земјите од Европската Унија и Република Турција, наведуваат од општинската прес-служба.
Заеднички став е дека со чести непосредни контакти, отворена комуникација и полесен пристап до сите потребни услуги, се гради доверба и се зајакнуваат врските меѓу иселениците и нивниот роден крај.
Градоначалникот Јакупоски, меѓу другото, посочил дека Општина Маврово и Ростуше, во „соработка со сите надлежни државни институции, продолжува посветено да работи на поддршка на нашата дијаспора и на создавање услови за уште поголема нејзина вклученост во сите сегменти на локалниот развој”


