Димитров: Во два наврати бев принуден да се заканам со оставка

Вицепремиерот за европски прашања, кој нема да биде дел од новата Влада, Никола Димитров, вечерва во емисијата 360° на Алсат ТВ, зборувајќи за „битките што ги водел во Владата при градењето на ставовите во преговорите со Бугарија“, рече дека во два наврати се заканил и со оставка.

На прашањето дали кога вели дека водел тешка битка внатре мисли и на битка со премиерот Зоран Заев или само со шефот на дипломатијата Бујар Османи за кого кажа дека нема доверба, Димитров одговори:

-Јас би требало да се обидам да избегнам ова да стане дебата на ниво ’јас вака кажав, он така кажа‘. На најкрупно, мислам дека јавноста треба да знае, тоа веќе го споменав до некаде, во битката внатре за градењето на заеднички македонски позиции во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка дека ’ако одиме вон оваа линија, тоа ќе мора да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен‘, рече Димитров.

Тоа, според неговите тврдења, го кажал и на премиерот Заев и во присуство на министерот Османи.

Дури, вели Димитров, во една таква ситуација кажал оти ако сакаат, неговото место во идната влада да го понудат и на Алтернатива.

-Последниот пат, бидејќи беа актуелни преговорите со Алтернатива околу идната влада, реков: ’Еве и ќе олеснам, ако одите вака, моето вицепремиерско место може да го понудите на политичката партија Алтернатива‘. Дали не е мојата секирација легитимна, кога јас не сум внатре и кога не знам баш дали ќе има некој што ќе каже: ’вон овие позиции без мене, јас ќе дадам оставка‘? Јас тоа гајле морав да го споделам со јавноста, рече Димитров.

 

14.01.2022 - 22:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега