Димитриевски обвини за притисоци од полициски службеници: Ме затворија како најголем криминалец
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски одржа прес-конференција на која образложи дека возилото со кое се превезувал, а кое беше запрено од страна на полицијата и однесено на технички преглед, ја има потребната техничка документација и е управувано со полномошно.
Возилото, како што посочи, е сопственост на лизинг компанија и се користи со договор. Има А-тест и затемнети стакла.
Димитриевски ги повтори обвинувањата дека бил следен од возило со полициски таблички, а потоа бил запрен од полициски службеници и однесен со ротации на технички преглед во Куманово.
– Во сообраќајната дозвола јасно се гледа, возилото поминало на А-тест и може да има таков тип на фолија. Моето возило не е службено, тоа е на лизинг компанија со која имаме договор за користење и го користиме со полномошно. Суштината не е за стаклата, тоа не се прекршок со којшто помпезно градоначалникот се затвора во колата без никакво образложение како најголем криминалец, се шета низ град со ротации и се води на технички преглед. Тоа се решава за пет минути. Не добив никакво образложение од полициските службеници кои немаа одговор бидејќи цело време комуницираа на телефон и по други средства за комуникација, препоставувам со нивни претпоставени. Тие нека дадат објаснување, рече Димитриевски.
Информираше дека возилото е испратено на вештачење, а за полициските службеници рече дека биле крајно непрофесионални.
– Побарав да се идентификуваат, но моето барање неколку пати го одобрија. Ги дадоа своите значки, додека третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање откако заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа востановени неточни податоци, посочи Димитриевски.
Случајот нема да го пријавува во МВР бидејќи, како што вели, нема доверба во институцијата.
Повтори дека ова е обид за заплашување врз него и верува дека на 31 октомври кога ќе се одржи вториот круг од изборите, ќе ја добие поддршката од граѓаните. – Очекуваме уште поголем притисок на 31 октомври, но ќе победиме бидејќи поддршката од граѓаните е очигледна, рече Димитриевски.
Во врска со денешниот настан, Министерството за внатрешни работи соопшти дека целосно ќе ги истражи случајот.
– Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „Рено“, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, наведе МВР во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа