Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги испрати јасна порака: државата веќе не само што детектира, туку и активно го одзема нелегално стекнатиот имот. Таа презентираше фрапантни податоци за работата на Управата за финансиска полиција, која во 2025 година забележала огромен скок во активноста.
„Од само девет истраги во 2022 година, во 2025 година направивме огромен исчекор – почнати се дури 58 финансиски истраги со кои се опфатени речиси 400 физички и 95 правни лица“, информираше министерката.
Според неа, финансиските истраги веќе даваат реални резултати на терен, посочувајќи дека во рамки на граѓанската конфискација веќе е обезбедена судска мерка за имот вреден над 33 милиони денари. Димитриеска-Кочоска нагласи дека Министерството за финансии, преку Царината и Финансиската полиција, е клучен столб во заштитата на фискалната стабилност и интегритетот на државата.

