Димитриеска Кочоска и Николовски: Злато вредно 500.000 евра запленето на скопскиот аеродром, Царината демонстрира посветеност,

 


Царинската управа спроведе успешна акција на спречување обид за криумчарење злато на Скопскот аеродром во вредност од половина милион евра. Денека на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот на Царинската управа Бобан Николовски оценија дека ова претставува дел од секојдневните дејствија на Царината и ја демонстрира посветеноста во справувањето со криумчарење и шверц на секаков вид стока.

„Царинската управа демонстрира силна посветеност во справување со криминалот и криумчарењето. Потврда за тоа покрај оваа акција се и податоците за рекорден број поднесени кривични пријави на месечно ниво кои од ноември минатата година до март годинава се двоцифрени и се движат од 15 до 21 кривична пријава“, рече министерката.  

Таа додаде дека ова се промените кои ги најавувавме и постапките кои покажуваат дека институциите кога сакаат имаат капацитет да одговорат на задачите согласно законските прописи. „Тоа, според неа,  е вистинскиот пат по кој треба да се движиме и да не подлегнеме под никакви притисоци во извршување на зададените задачи кои се поткрепени со законски прописи. Постои  цврста волја од сите во Владата да го воспоставиме тој ред и да изградиме ефикасни и функционални институции, со тоа и функционален систем,  кој ќе одговори на потребите на граѓаните и бизнисот.  Да покажеме и да докажеме дека имаме капацитет и дека можеме да се справиме со предизвиците и во државата да создадеме стабилни и подобри услови за живот“, рече министерката.

Министерката потенцира дека покрај борбата со криминалот Царинската управа постигнува позитивни резултати во делот на наплатата на увозните давачки, кои од почетокот на годината бележат раст од 17% во споредба со тој период минатата година.

Николовски во врска со акцијата информираше дека царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје, спречиле обид за криумчарење на златен накит во вредност од 479.555 евра од страна на двајца патници, брачен пар,  кои пристигнале со лет на редовната линија Виена – Скопје. Во акцијата, како што рече, еден од осомничените е селектиран за детална царинска контрола при што е забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии наменети за накит, при што еден од куферите бил во сопственост на неговата сопруга. При претрес на рачниот багаж што го носела неговата сопруга со себе е пронајдена поголема количина на непријавен златен накит од кои некои со парчиња дијаманти и друг драгоцени камења. Односно 89 парчиња златни прстени со тежина од 599,2 грама во вредност од 203.169 евра, 17 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 215,3 грама и вредност од 55.748 евра, 23 парчиња златни ланчиња од 107 грама со вредност од 39.260 евра, 52 пара златни обетки со тежина од 238 грама во вредност од 97.258 евра, 10 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 68,3 грама во вредност од 19.300 евра и 18 парчиња златни ланчиња со тежина од 483,3 грама во вредност од 64.820 евра или вкупно 209 парчиња златен накит со вкупна тежина од еден килограм и 711 грама.

 

Како што соопшти директорот Николовски до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава за две лица со белгиско државјанство за сторено кривично дело криумчарење, казниво по член 278 од кривичниот законик.

 

 

08.04.2025 - 17:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега