Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска на владиниот панел „Раст на економијата“ ги презентираше најновите економски показатели кои потврдуваат позитивен тренд во државата. Според неа, бројот на вработени во четвртиот квартал од 2025 година се зголемил за речиси 9.000 лица во споредба со претходната година.
Клучен столб на овој раст е извозот, кој има најголем придонес во БДП, следен од градежништвото и преработувачката индустрија.
„Две години по ред остваруваме резултати над планираното. Тоа ни обезбеди стабилност и постепено намалување на буџетскиот дефицит. Растот е поттикнат од државните инвестиции, но и од приватниот сектор на кој му благодарам за довербата“, истакна министерката.
Таа додаде дека јавниот долг заклучно со крајот на 2025 година е на ниво од 59,3 отсто, што е резултат на внимателното проектирање и фискалната консолидација.

