Дијабетичарите се жалат дека немаат инсулин, од МЗ велат инсулин има
Технички проблеми прави инсулинот и целокупната терапија за пациентите зависни од оваа терапија да им биде недостапна. Проблемот е стар веќе трети месец посочија на денешната прес-конференција во Штип претставниците од Сојузот на Здруженија на дијабетичари на Македонија.
Претседателот, Диме Велев вели дека инсулин, игли, ленти и терапија има во сите инсулински депоа и аптеки во земјава, но поради впишување под други кодови во системот за нив е недостапна. Посочува дека се обратиле до Министерството за здравство, но сметаат дека решавањето на проблемот е во надлежните во Мој термин.
–Сојузот на здруженија на дијабетичари, како пациентска организација ниту пак како пациенти, не можеме да разбереме како е можно веќе три месеци одговорноста за недостапноста на инсулини, ленти, игли и друга дијабетична терапија, да се префрла од едни на други во здравствниот систем, а притоа во пракса нашите членови се приморани по неколку пати во месецот да се обратат во центарот за дијабатес, по неколку пати во месецот да отидат до аптеките за да проверат дали инсулинот го има физички во аптеките, дали ако го има физички истиот ќе може да се издаде, дали веќе во систем е ставена замената, дали ова или она ќе се заврши оваа или наредната недела, и така натаму веќе трети месец се вртиме во круг, непотребно, вели Велев.
Побараа и регистер, со што ќе се утврди точниот број на пациенти, кои се со дијагноза дијабетис, а и при имунизацијата предност да имаат пациентите со дијабетес тип А.
Се надеваат дека со денешната прес-конференција ќе потикнат решение на тековни проблеми поврзани со дијабетесот.
Одговор на прес-конференцијата пристигна од Министерството за здравство, а во кој се вели дека пациентите не се оставени без инсулин, во сите инсулински аптеки во државата има инсулин и истиот им е достапен на пациентите.
–Изминатиов период поради промена во софтверот за нов вид на инсулински продукти – игли Тип1 и Тип2, како и апаратчињата за мерење гликемија кои не ги препишува лекар, туку системот сам ги генерира, не се издаваа истите. Напоменуваме дека нема никаков проблем во количините на иглите, лентите и апаратите за мерење инсулин, туку во делот на евидентирањето, проблем што веќе се надминува и од вторник, кога ќе бидат отворени инсулинските аптеки, истите инсулински продукти ќе им бидат достапни на пациентите, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Посочуваат дека од почетокот на пандемијата до денес Министерството за здравство се погрижило во секое време терапијата за пациентите со дијабет да биде навремено доставена до сите инсулински аптеки низ државата иако имаше недостаток низ цела Европа поради енормната потрошувачка.
– Влијанието на пандемијата во однос на тековните набавки е одамна надминато, а потребните количини се доставуваат во континуитет, редовно и регуларно на територија на цела држава, велат од министерството за здравство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа