Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) продолжува со дигиталната модернизација, овозможувајќи современа глобална комуникација за своите членки. Од денеска стартува новата Б2Б платформа која ќе овозможи дигитално поврзување на повеќе од 10.000 македонски микро и мали компании.
„Бизнис платформата претставува дополнителен дигитален прозорец кон светот, овозможувајќи лесно пребарување, закажување состаноци и воспоставување контакти со потенцијални партнери и клиенти од земјата и странство. Во следниот период, секоја компанија членка на деветте комори и повеќе групации при ССКМ ќе има можност да креира свој бизнис профил на платформата, која е дел од ребрендираната интернет страница на ССКМ, овозможувајќи глобална презентација на своите услуги и производи“, се наведува во соопштението.
Со овој проект, ССКМ ја зајакнува својата улога како активен партнер на бизнис заедницата, креирајќи современи алатки за поврзување, соработка и раст на компаниите.
„Дигиталните решенија и вакви платформи се клучни за зголемување на конкурентноста на македонските компании, олеснување на пристапот до нови пазари и поттикнување на меѓусебната соработка во бизнис секторот“, истакнуваат од ССКМ.
„Ќе продолжиме со фокусирана работа на повеќе полиња идентификувани од нашите членки, со цел подобрување на македонскиот бизнис сектор преку дигитализирани форми и услуги, зајакнување на вештините на вработените преку насочени обуки и засилена комуникација кон членките, бизнис заедницата и јавноста. Овие активности ја зголемуваат можноста за деловни средби, отворање нови потенцијали за компаниите и активно учество во креирањето на државните економски политики“, додаваат од Сојузот на стопански комори.

