Деспотовски: Новиот СДСМ ќе формира и влада во сенка како коректив на власта
Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ продолжува со средбите на терен. Членовите во Крушево и Кичево ја истакнаа потребата од неопходна реформа на партијата и се наметна дебатата за тоа како ќе делува СДСМ како опозиција по изборот на новата Влада. Деспотовски посочи дека новиот СДСМ ќе работи на професионализација на партиските тела и ќе формира и влада во сенка како коректив на власта и во заштита на граѓаните.
„За да имаме функционална демократија, настапот на опозицијата е форма на лидерство подеднакво важно за заштита и служба на интересите на граѓаните, како што е и кога партијата е дел од мнозинството. Затоа ќе бидеме гласна, проактивна, критична, конструктивна опозиција која ќе работи на заштита на интересот на сите граѓани. Пратениците, во соработка со партиските тела и комисии, после 30.06 ќе мора детално да ги анализираат и потоа коментираат предлозите кои доаѓаат од владејачкото мнозинство, но и активно да предлагаат решенија кои произлегуваат од потребите на граѓаните. Новиот СДСМ станува движечка, основна опозициска сила во Собранието,“ порача Деспотовски и додаде: “На членовите, граѓаните и на земјава и е потребен силен СДСМ кој ќе се наметне како водечка, но и конструктивна опозициска партија и во Парламентот и на сите други нивоа. Со мудра политика и дефинирани јасни ставови за сите прашања кои не засегаат и како држава, а особено за се она што ги засега граѓаните. За да си го вратиме интегритетот и местото во општеството мора да преземеме храбри и одлучни чекори. И ова не е избор, ова е чин на одговорност што им го должиме на сите наши членови,“ порача Деспотовски.
Тој додаде и дека се предвидува професионализација на партиските тела како и градење на капацитети за да дејствува и како „Влада во сенка”. Ресорите во „Владата во сенка“ ќе работат во состав и со поддршка на тела (комисии) што ќе
се формираат во рамките на партијата за одредени области (економија, надворешна политика, здравство, образование, социјална политика, зелена агенда итн.). Нивната задача е тридимензионална: прво, дебатирање и коментирање мерки што ги носи владата во одреден ресор; второ, предлагање мерки што би биле корисни за одреден ресор во државата што ќе бидат новина за владата, или алтернативни решенија на решенијата што ги нуди владата; и трето, постепено формирање личности потенцијални носители на високи функции во иднина и нивно промовирање пред граѓаните. Работењето на „Влада во сенка“ во најголема мера зави од изборот на личностите кои ќе членуваат во неа, а раководството на новиот СДСМ ќе се грижи првенствено за квалитетот и докажаноста на луѓето кои ќе членуваат во телата на владата во сенка. Меѓу останатото, Владата во сенка ќе се користи и како механизам за привлекување нови членови во партијата, пред сè млади луѓе, пишува во програмата на Деспотовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа