Дескоска: Неопходна е ефикасна меѓународна соработка за спречување и откривање на корупцијата

Корупцијата не познава граници, но истите се користат за прикривање на нелегално стекнатата корист. Поради тоа, неопходна е ефикасна меѓународна соработка за спречување и откривање на корупцијата, истакна министерката за правда Рената Дескоска денеска во обраќањето на видео-конференцијата на ОБСЕ одржана под покровителство на албанското претседателство.

Кога станува збор за меѓународната соработка, како што потенцираше Дескоска, Република Северна Македонија е потписник на сите меѓународни конвенции од областа – како оние од Советот на Европа така и на Обединетите нации.

Сепак, покрај усогласеноста на домашното законодавство со меѓународните стандарди, министерката за правда истакна дека е потребна подобра регионална и меѓународна соработка за справување со организираниот криминал и корупција.

Во поглед на билатералните договори за екстрадиција, министерката Дескоска потенцираше дека во последно време во билатералните договори се предвидува и можност за екстрадиција на сопствените државјани и тоа во сите билатерални договори недвосмислено е наведено дека „екстрадиција на сопствени државјани се дозволува за дела од областа на организираниот криминал, корупција и перење пари“.

Дескоска истакна дека со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, донесен во јануари 2019 година, проширени се и надлежностите на Државната комисија за спречување на корупција и со надлежноста да разменува информации со надлежни тела на други држави и меѓународни организации, врз основа на обврски преземени со меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот.

-На предлог на Министерството за правда, во декември 2019 година, Владата ја прифати информацијата за потпишување на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјави за имотна состојба, подготвен во рамки на активности организирани од Регионалната анти-корупциска иницијатива (РАИ). Со ратификацијата на овој договор, Државната комисија за спречување корупција и конфликт на интереси ќе се стекне со право да бара информации за имотната состојба на сите јавни функционери кои имаат или стекнуваат имоти и финансиски средства во странски земји. За потпишување на овој договор, Владата го овласти претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, посочи Дескоска.

Во поглед на статистичките податоци, министерката Дескоска рече дека во Министерството за правда во 2018 година, регистрирани се 33 предмети кои се однесуваат на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од тоа скоро сите односно 27 предмети биле по барање на Република Северна Македонија. Во 2019 година, бројката е 28 предмети, од кои 25 на барање на Република Северна Македонија, а во првата половина на 2020 – 16 предмети од кои 14 предмети по барање на Република Северна Македонија. Од сите овие предмети завршени се само 13, додека, пак, сите преостанати чекаат завршница.

Министерката истакна дека податоците за мала држава како Република Северна Македонија се сепак високи бројки и дека од една страна не е добро што имаме толку предмети на корупција, но дека сепак од друга страна е добро што за тие предмети се водат истраги и активно се постапува.

Дескоска нагласи и дека во Законот за меѓународна соработка во кривична материја се воочени одредени слабости во делот на формирањето на заедничките истражни тимови и подготвени се нови законски решенија. Со нив, договорот за формирање на заеднички истражен тим во име на Република Северна Македонија ќе го склучува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија или јавен обвинител овластен од него.

Со вака поставена одредба се елиминира секаква можност извршната власт да има било какво влијание кај обвинителите за формирање на заеднички истражен тим.

Видео-конференцијата на тема „Добро владеење и борба против корупцијата во дигиталната ера: Зајакнување на принципите на транспарентноста, интегритетот и одговорноста“, на која министерката Рената Дескоска имаше свое обраќање во рамки на V сесија, насловена како „Меѓународна соработка во истражувањето и кривичното гонење на корупцијата“ се одржа под покровителство на албанското претседателство со ОБСЕ. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.07.2020 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега