Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата против Стојанче Јовановски, обвинет за три кривични дела поврзани со трагедијата од 2 март годинава, кога животот го загубија неговата сопруга Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја.

Јовановски се товари за телесни повреди при семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство. Обвинителството, во завршните зборови, побара најстрога законска казна, тврдејќи дека жртвата била изложена на континуирано малтретирање.

„Обвинителството бара максимална казна за сите три кривични дела поради пораката дека физичкото и семејното насилство може да убиваат исто како и физичката сила“, истакна обвинителката Адела Бојчевиќ, додавајќи дека кај обвинетиот доминирале потреба од контрола и манипулативност.

Од друга страна, одбраната на Јовановски побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека доказите се контрадикторни и дека не е докажана врската меѓу дејствијата на обвинетиот и фаталната последица. Самиот обвинет пред судот ги отфрли обвинувањата и тврдеше дека сведоците давале лажни искази за да го оцрнат.

Застапниците на оштетените потенцираа дека заканите за одземање на детето и присилното исфрлање од домот ја довеле Ивана до состојба на апсолутна несигурност, што кулминирало со кобниот чин.

Exit mobile version