Денеска е Свети Агатоник - што треба да се направи на овој ден според народните верувања
Според календарот на МПЦ , кој се води по стар стил , денеска е 22-ри август – ден посветен на Светите маченици Агатоник, Зотик и другите со нив…
Свети Агатоник беше никомидиски граѓанин, по вера христијанин. На заповед од царот Максимијан, царскиот намесник луто ги гонеше христијаните. При тоа гонење, во некое место Карпин, тој го фати Свети Зотик, ги распна на крст неговите ученици, а самиот Зотик го доведе во Никомидија, каде што ги фати и ги врза уште и Агатоник, Принкипс, Теопрепиј, Акиндин, Северијан, Зенон и многу други. Сите цврсто врзани ги поведе во Византија, но патем од рани и изнемоштеност испоумреа Светите Зотик, Теопрепиј и Акиндин. Во близината на Халкидон го убија Св. Северијан, а Агатоник и останатите беа одведени во Тракија, во местото Силимврија, каде после мачења беа убиени со меч и влегоа во радоста на својот Господ.
Светата маченичка Антуса и другите со неа
Ќерка на богати но незнабожни родители од Селевкија во Сирија. Кога дозна за Христа, Света Антуса со сето срце поверува во Него, тајно појде кај епископот Атанасиј и тој ја крсти. На Крштението ѝ се јавија Божји ангели. Потоа отиде на подвиг во пустина, затоа што не смееше да се врати дома кај родителите. Се подвизуваше во пустината дваесет и три години. Душата Му ја предаде на Бога додека клечеше на молитва на еден камен, под кој остави аманет да биде погребана. Потоа, заради верата во Христа беа заклани епископот Атанасиј и двајцата слуги на Антуса, Харис и Неофит, во времето на царот Валеријан, околу 257 година. Сите пострадаа чесно, стекнувајќи венци на невенлива слава.
Светата маченичка Евлалија
Во времето на страшните гонења на христијаните во Шпанија живееше една девица Евлалија, родена од родители христијани, во местото наречено Варкинон. Сета предадена на Христа како на свој Женик, сета вдлабочена во Светото Писмо, таа истрајно се трудеше во драговолни подвизи на духот и телото. Кога мачителот Дакијан немилосрдно ги убиваше христијаните ширум Шпанија, па дојде во Варкинон, Евлалија ноќе се искраде од кај родителите, излезе пред мачителот и пред многуброен народ го изобличи за убивање невини луѓе, а ги исмеа и мртвите идоли и јавно ја исповеда својата вера во живиот Господ Христос. Разјарен Дакијан нареди да ја разголат и да ја бијат со стапови. Но Светата девица изјави дека заради Христа не чувствува ни болки ни маки. Тогаш мачителот ја приврза крстообразно за едно дрво и нареди телото да ѝ го палат со свеќи. Ја запраша каде е нејзиниот Христос сега да ја спаси. А Евлалија одговори: „Овде е со мене, но ти заради твојата нечистотија не можеш да Го видиш.“ Евлалија го предаде својот дух на Бога во големи маки. Кога издивна, видоа како од нејзината уста излегува бел гулаб. Тогаш ненадејно падна снег и го покри голото тело на маченичката како да е фустан. Третиот ден дојде Свети Феликс и жално плачеше пред висечкото тело на Света Евлалија. Тогаш на мртвото лице на светителката се појави насмевка. Нејзините родители дојдоа заедно со други христијани и чесно го погребаа телото на Светата девица. Света Евлалија пострада за својот Господ и појде во вечната радост на почетокот од 4 век.
Преподобен Исакиј оптински
Исакиј (Антимонов), архимандрит, (1810-1894) – настојател на оптинската пустина, кој во себе ги споил цврстото управување со обителта и истенченото искуство на пастирско раководење со смиреното послушание и со големо подвижништво. Во храната, облеката и живеалиштето сосема им се уподобил на простотата на древните подвижници, а вратата на неговата ќелија била постојано отворена за браќата и за сиромашните.
Светите маченици Иринеј ѓакон, Ор и Оропсис
Блажениот Иринеј беше ѓакон во Црквата Христова во времето на страшните гонења на христијаните, на почетокот на IV век. Тогаш беше доволно некој да биде наклеветен дека се противи на царските наредби, и дека не ги почитува разните божества коишто ги почитуваат Римјаните, нешто за што често беа обвинувани христијаните, па да биде уапсен и фрлен во затвор, да му биде одземен имотот и да биде лишен од сите права, а не ретко и да биде измачуван и убиен. Меѓутоа, и покрај сето тоа, бројот на христијаните се зголемуваше, бидејќи маченичката крв стануваше семе за нови христијани, а верните го живееја во голема сила Царството Божјо, бивајќи подготвени во кој било миг да го положат и животот свој за Христа, ако бидат принудени од непријателите на Бога. Интензитетот на овој живот во Христа не ги оставаше христијаните да живеат бездејствено, та многумина од нив отворено го проповедаа Христа и со својата ревност му стануваа верни соработници на Бога. Таков беше и светиот Иринеј кој заради оваа своја ревност се удостои да биде ракоположен во ѓаконски чин. Светиот Иринеј особено се истакнуваше со тоа што бестрашно го проповедаше Христа, вистинскиот Бог. И не само што со своето учење и со својот пример ги утврдуваше верните, туку ги рашири своите духовни мрежи и над неверниците, па улови доста голем број од нив и ги донесе до коработ на спасението – светата Црква Христова. Заради сето тоа, мразителите на Бога и на сè што е добро, го фатија и го доведоа пред владетелот незнабожец. Владетелот нареди светиот Иринеј јавно да биде ставен на тешки маки, а самиот остана да го набљудува измачувањето. Гледајќи го нечовечното мачење на светиот Христов исповедник, двајцата христијани Ор и Оропсис жестоко му префрлија на владетелот за неговата постапка, по што беа и самите веднаш фатени, та му се придружија во страдањето на светиот Иринеј. И на нив двајца, како и на светиот Иринеј, ревноста по Бога и животот во Христа не им даваше да останат неми гледајќи ја неправдата која се случуваше. Сите тие многу посилно ја чувствуваа близината на Господа, одошто стравот од измачувањата и смртта, па дури и самата болка од мачењата. Бидејќи, како што сведочат некои од светителите коишто имале подобен опит, не е дека мачениците биле бесчувствителни за маките, туку нивната припиеност до Христа, преку усрдната молитва, била таква што посилно ја чувствувале близината Божја одошто телесните маки. И ако само за миг би престанале да се молат, би почувствувале таква болка, што веднаш би се одрекле од Христа. Но, овие свети маченици не беа со таков недостаток од вера и од подвиг, туку беа избрани садови Божји. И бидејќи на Бога не му се принесува на жртва она што е лошо и со недостаток, туку она што е најдобро, само достојните избраници Божји се стекнуваат со маченички венци. Затоа што сите тие за време на својот живот достигнале таква светост и чистота во живеењето, што се удостоиле за маченички подвиг. Такви беа и овие маченици: Иринеј, Ор и Оропсис, во чии срца така се беше распламтила љубовта Христова, што беа подготвени да поднесат најстрашни маки заради Бога.Откако смело ја исповедаа својата вера во Христа, сите тројца беа фрлени во оган, но веднаш заврна дожд и го угасна, а светителите останаа неповредени. Тогаш мачителите ги фрлија храбрите исповедници пред диви ѕверови, но ниту тие не се допреа до нив. Потоа ги обесија на дрво и немилосрдно ги стругаа. Најпосле, уплашен да не се случи уште некое чудесно избавување на мачениците, владетелот нареди на сите да им ги отсечат главите. Така овие блажени мажи примија маченички венци.
Според народните верувања денеска е убаво да се тргува. Се верува дека ова е време за средби и обнова на пријателствата за сите во мир и благосостојба да влезат во зимата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа