Денеска е Спасовден

Верниците денеска на 13 јуни го прославуваат Спасовден, празник кој се одбележува 40 дена по Велигден, а десет дена пред Духови и секогаш е во четврток.

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото.

Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.

А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 – 8).

И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова.

За овој празник се врзани многу верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат.

На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година.

На тој ден богатите после одењето од црква повикувале гости на ручек, а помалку богатите го продолжувале дружењето пред црква, каде народот се собирал и веселел.

Тропар
Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Синот Божји, Избавителот на светот.

Кондак
Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и повикувајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

13.06.2024 - 09:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега