„Демостат“: Србија во ЕУ до 2030 година, ако го прифати европскиот план за косовското прашање

 

Јасната перспектива за членство на Србија во Европската унија, инвестициите во енергетскиот сектор и ослободувањето од зависноста од Русија во таа област, доаѓањето на американски и европски компании се дел од она што Србија би можела да го очекува доколку се согласи со западниот предлог за решавање косовското прашање, пишува денеска истражувачко-издавачкиот центар „Демостат“.

Повикувајќи се на свои дипломатски извори, „Демостат“ додава дека се точни изјавите за можни последици за Србија доколку не го прифати договорот, кои вклучуваат прекин на евроинтеграциите, стопирање и повлекување на инвестициите, враќање на визниот режим, додека аранжманот за Меѓународниот монетарен фонд би бил сомнителен.

Според „Демостат“, претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија на средбата во Белград му рекле на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, доколку Србија го прифати европскиот план, може да влезе во ЕУ до 2030 година.

Во меѓувреме, според изворите на овој центар, Србија чекор по чекор би била вклучена во другите европски структури, како што е заедничкиот европски пазар, што подразбира слободен проток на стоки, луѓе, капитал и услуги.

Доколку Белград го отфрли западниот план за Косово и покаже дека не е конструктивен во дијалогот со Приштина, ќе дојде до суспензија и повлекување на европските и американските инвестиции.

„Имено, веќе има компании кои до понатамошно известување ги прекинаа плановите за инвестиции во Србија, пред се поради неусогласеноста на надворешната и безбедносната политика, што повлекува зголемен ризик за водење бизнис во нашата земја. Одбивање на преговори за план за решавање Косовското прашање за бизнис заедницата која планира да работи или веќе работи во Србија би било дополнително црвено знаме“, пишува „Демостат“.

Не е автентичен француско-германскиот план кој минатата недела се појави во медиумите, ниту конечниот договор што ќе се најде на преговарачка маса, пишува „Демостат“.

30.01.2023 - 09:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега