Во Делчево е поставена и пуштена во употреба мерна станица која ќе го следи квалитетот на амбиенталниот воздух, односно концентрацијата на ПМ10 честички, температурата и влажноста на воздухот.

Активноста како што истакна делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, се  реализира како дел од проектот „Спречување на загадувањето на воздухот со помош на едукативни технички решенија“ – Набавка на станица за мерење на квалитет на амбиентален воздух.

-Здравата животна средина е наш приоритет и стратешка заложба. Контролата на квалитетот на воздухот, особено во близина на индустриски капацитети и транспортната инфраструктура, е неопходност во борбата против загадувањето. Ова е само еден чекор кон поквалитетна животна средина,“ истакна Трајковски.

Средствата за проектот се обезбедени преку Бирото за регионален развој, во рамки на Програмата за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој.

Со поставувањето на новата мерна станица, општината најавува дека во иднина ќе се работи и на други активности за унапредување на животната средина и намалување на загадувањето. 

Exit mobile version