Дамјан Гацов, на 22 години, е официјално именуван за помошник-тренер на универзитетскиот кошаркарски тим на Универзитетот „Стентон“ во Лос Анџелес. Со тоа, тој станува најмладиот Македонец кој некогаш бил дел од стручен штаб на еден американски универзитетски тим.
Гацов е студент на трета година на студиите за спортски менаџмент и бизнис-администрација, преку кои го комбинира своето кошаркарско искуство со академско знаење. Универзитетот, како што велат од таму за МИА, ги препознал потенцијалот и работната етика на Гацов и решил да му даде шанса да биде дел од професионалниот тренерски тим, што ретко се случува со студенти на оваа возраст.
Неговата кошаркарска приказна почнува во Македонија, каде што ги играше првите чекори во спортот уште на шестгодишна возраст, пет години во КК „Вардар“, а потоа и за македонската репрезентација во младинските категории. Талентот на Гацов беше забележан и во САД, па своето средно образование го заврши во Јута како стипендист, играјќи за кошаркарскиот тим на Лејтон. Таму ја надгради својата игра, стекна американско искуство и се наметна како играч со лидерски потенцијал.
Според изјавите за МИА, неговото рано вклучување во тренерскиот свет се смета за голем чекор напред, особено затоа што американските универзитетски програми се една од најконкурентните спортски средини во светот.
„Го следиме неговиот развој веќе подолго време. Има исклучителна кошаркарска интелигенција и пристап кон играта, но и менталитет што одговара на нашата филозофија. Иако е млад, неговата посветеност и способноста да комуницира со играчите се на највисоко ниво“, истакна главниот тренер на Универзитетот „Стентон“, Мајкл Акуна, за МИА.
Поддршка за неговиот успех изрази и поранешниот тренер од КК „Вардар“, Никола Данев:
„Дамјан имаше карактер на победник и беше упорен за да се докаже на теренот. Имаше добар шут за три поени и помина неколку успешни сезони во нашиот клуб, каде што ни донесе и неколку трофеи. Задоволство е кога ќе се слушне дека се вклопил во еден од најдобрите кошаркарски системи во светот. Тој не е само одличен играч, туку и карактер што секој тренер би посакал да го има во тимот. Убеден сум дека ќе продолжи да се развива и ќе остави силен впечаток и таму“, рече Данев.
Тој додаде дека убаво е да се види како македонско дете се пробива во еден од најсилните спортски системи во светот и дека вратите на КК „Вардар“ секогаш ќе му бидат отворени за соработка и пренесување на искуство на помладите генерации.
Назначувањето на Гацов е оценето како голема можност не само за него, туку и за сите млади македонски спортисти кои сонуваат за кариера во САД. Универзитетската програма на „Стентон“ е позната по развојот на играчи и тренери, а од клубот велат дека неговото европско знаење и новиот пристап ќе донесат дополнителна динамика во тимот.
„Ова за мене е огромна чест и одговорност. Доаѓам од мала земја, но со големи соништа. Сакам да покажам дека македонските тренери и играчи може да бидат конкурентни на највисоко ниво. Им благодарам на сите што веруваа во мене – ова е само почеток“, изјави Гацов за МИА.

