Д-р Софијанова за Ковид-19 кај децата: Се јавува осип на кожата и висока температура, може да ги зафати и органите

Короната кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија, но неопходно е секој случај внимателно и претпазливо да се следи и доколку се забележи влошување на здравствената состојба, да се направат дополнителни испитувања кои би укажале на посериозни синдроми и состојби, како што е мултисистемски инфламаторен синдром, истакна д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри.

– Кај децата ковид-19 обично е благ и се лекува со симптоматска терапија. Но, ако состојбата се влошува и фебрилноста трае повеќе од три дена, треба да се размислува и за дополнителни испитувања, бидејќи во ретки случаи децата можат да бидат сериозно погодени, а клиничките манифестации може да се разликуваат од возрасните. Во април 2020 година, извештаите од Обединетото Кралство документираа презентација кај деца слична на нецелосна Кавасаки болест или синдром на токсичен шок. Оттогаш, има извештаи за слично погодени деца во други делови на светот. Состојбата е наречена мултисистемски инфламаторен синдром кај деца – рече д-р Софијанова.

Мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви, или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 39 степени па и 40 степени која трае повеќе денови и која не се спушта со антипиретици, додава таа.

– Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви – посочи Софијанова.

Кога се во прашање на пост-ковид состојби, д-р Софијанова вели дека праксата покажува и зголемен број на деца со воспаление на слепо црево, зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања. Но, сепак, посочува таа, ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со ковид-19. Во однос на вакцинацијата таа истакна мислење на целосна поддршка за вакцинација на децата над 12-годишна возраст како и оние кои имаат хронично заболување.

22.09.2021 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега