Во Центарот за управување со кризи се одржа седница на Главниот штаб со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во присуство на директорот на ЦУК, Мухамет Али.
На седницата беа разгледани најновите анализи за водоснабдувањето во Гостивар и беа донесени итни заклучоци за заштита на здравјето на граѓаните.
Според резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје, водата од водоводната мрежа во моментов е неисправна и за пиење и за техничка употреба.
Граѓаните се повикуваат строго да ги почитуваат препораките и до понатамошно известување воопшто да не ја користат водата од мрежата.
Главниот штаб ја задолжи Општина Гостивар итно да дефинира локации и контакт-лица за поставување пунктови за дотур на техничка вода за виталните објекти.
Паралелно, ИЈЗ, ЈП „Водовод“ – Скопје и АХВ продолжуваат со засилени теренски испитувања чии резултати редовно ќе се доставуваат до ЦУК.
Армијата ги стави во приправност двете цистерни за техничка вода, а општините Куманово, Тетово, Дебар, Кичево, Кавадарци и Неготино исто така ќе обезбедат техничка вода со сопствени цистерни.
Според одлуката на Владата, Службата за општи и заеднички работи продолжува со дистрибуција на флаширана вода за пиење до сите жители на Гостивар.


