Вкупно 11 пожари на отворен простор се регистрирани на територијата на државата до 18:00 часот, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи.

Според официјалните податоци, противпожарните екипи имале интензивен ден на терен, при што успеале да локализираат и целосно да изгаснат 10 пожари, додека еден сè уште се води како активен.

Единствениот активен пожар во овој пресек е лоциран во струмичкиот регион, каде гори депонија.

„Активен пожар (1): Општина Василево – с. Василево (депонија).“

Останатите 10 интервенции на пожарникарите завршиле со успешно гаснење на огнената стихија, која главно зафатила ниска вегетација, шуми и отпадоци во повеќе општини.

Пожари се изгаснати во Дебар кај селото Гари и во Центар Жупа, а интервенции имало и во Валандово кај местото Касандол. Во Пелагонискиот регион пожарникарите се справувале со оган во Долнени (селата Житоше и Локвени) и во Битола кај населбата Мал Париз.

Во Скопскиот регион успешно се затворени три жаришта: во Аеродром (нас. Драчево), во Чучер Сандево кај селото Блаце и во Шуто Оризари на улицата Брњачка Буна. Пожари се целосно изгаснати и на патот Тетово – Брвеница, како и кај кратовското село Железница.

Exit mobile version