Вкупно 13 пожари на отворен простор низ државата се регистрирани денеска до 13:00 часот, соопштија попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според последните информации, девет пожари се сè уште активни, два се ставени под контрола, додека два се целосно изгаснати.
Од активните жаришта, во општина Студеничани гори мешана шума, додека во регионот на селото Мождивњак, општина Крива Паланка, огнот опфатил ниска вегетација и багреми.
Ниска вегетација гори на територијата на општините Велес, Прилеп, Струга, Новаци, Македонски Брод и Могила.
Сериозен инцидент е забележан на магистралниот пат Прилеп – Битола, каде покрај ниската вегетација била опожарена и викендица.
Под контрола се ставени пожарите на градската депонија во општина Делчево, како и во регионот на кичевското село Манастирско Доленци, каде гореше нискостеблеста деградирана шума.
Екипите на терен целосно ги изгаснале пожарите во општините Босилово и Јегуновце. Во селото Старо Балдовци гореа ниска вегетација и шамак, а во атарот на селото Копанце беа зафатени шума и ниска вегетација.


