ЦРЕА: Нафтената војна на Западот против Русија го губи моментот

Заработката на Русија од извозот на нафта е во пораст во последните неколку месеци и покрај ценовната граница наметната од Г7 и другите ограничувања наметнати од Западот, покажува новата студија на Финскиот центар за истражување енергија и чист воздух (ЦРЕА).

Според ЦРЕА, приходите од нафта на Русија почнаа да закрепнуваат во март по остриот пад во февруари кога во сила стапија ограничувањата на цената на нафтата и рафинираните нафтени деривати од Русија и забраната во ЕУ за увоз на руската нафта преку море.

Во април приходите од нафта се зголемија за дополнителни 6 отсто месечно достигнувајќи го највисокото ниво од ноември минатата година.

Податоците на ЦРЕА покажуваат дека откако стапија во сила забраната за увоз и ограничувањата на цените, Русија генерирала вкупно 58 милијарди евра приход од извозот на нафта.

Експертите велат дека иако тековните приходи на Русија сè уште се значително пониски од истиот период минатата година, трендот на пораст покажува дека западните санкции за извозот на руска нафта го губат моментот.

„Приходите од извозот на Русија во април беа значително намалени, главно поради влијанието на забраната за увоз во ЕУ и пониските цени на нафтата. Сепак, Русија успеа првпат да го извезе својот главен тип сурова нафта (уралс) по цени што беа систематски над нивото на ценовното ограничување“, изјави Лаури Миливирта, главниот аналитичар во ЦРЕА.

Миливирта истакна дека ова укажува на големи дупки во спроведувањето на политиката за ограничување на цените додавајќи дека ако тие не се поправат, „ова ризикува засекогаш да го наруши механизмот за ограничување на цените“.

Аналитичарите истакнуваат дека враќањето на приходите е поттикнато од зголемувањето на извозните цени, околност што може да му се припише на Западот, кој ги постави ценовните ограничувања премногу високо.

„Приходите на Русија можеа да бидат намалени за 22 милијарди евра (37 %) со поставување на ценовната граница на сурова нафта на 30 наместо на 60 долари за барел и со соодветно ревидирање на ограничувањата за нафтените производи“, напишаа аналитичарите на ЦРЕА.

Тие истакнаа дека натамошното закрепнување на приходите од нафтата на Русија „ќе ги наруши влијанието и кредибилитетот на санкциите“.

30.05.2023 - 18:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега